Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со Свечена академија ги започна свеченостите по повод 16-годишнината од постоењето. Дека студентите се во центарот на вниманието на УГД се покажа и на ова одбележување, бидејќи на осумнаесет дипломирани студенти со највисок просек во академската 2021/2022 Универзитетот им додели награди, ваучери во вредност од 10.000 денари. Со ова УГД уште еднаш потврди дека за своја темелна вредност ги има студентите, идните градители на македонското општество.
- Денес нашиот Универзитет одбележува 16 години од денот кога започна да го гради својот личен профил во рамките на македонското високо образование. Визијата на основачите да се формира нов државен универзитет кој треба да го заживее источниот дел од државата и да биде нова додадена вредност на македонското високо образование, денес е остварена. Остварувањето на таа визија подразбираше многу работа, пожртвуваност, донесување крупни и значајни одлуки, отворање нови врати кон глобалниот свет на знаењето, создавање на квалитетни студиски програми и услови за студирање и, секако, привлекување студенти од сите страни на светот. Нашите претходници, поранешните ректори, проректори, декани, продекани, професори и сите вработени, водени од желбата УГД да стане признаена и респектабилна високообразовна институција се вградија себеси и својот потенцијал во остварувањето на овие цели.
Универзитетот „Гоце Делчев“ како врвен приоритет ги поставува потребите на студентите, нивните идеи, размислувања, желби и погледи. На нашиот Универзитет гласот на студентот се почитува и има своја тежина, бидејќи знаеме дека младите, освен нивото на знаење, треба да ја подигнуваат и свеста за својата улога во општествените процеси. Нашите студенти имаат можност да бидат проактивно вклучени во сите тековни процеси на Универзитетот. Затоа Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип активно учествува во унапредувањето и развојот на академскиот потенцијал на студентите, како и усовршување на условите за студирање и пракса.
Визијата на УГД се темели на постулати вградени во еден вредносен систем кој подразбира: знаење, работа, упорност и љубов кон професијата. Понекогаш е тешко да се постигнат, но животот значи борба и постојан стремеж за остварување на целите, а нашата цел треба да биде - Универзитет по ликот на светските образовни центри. Тоа значи дека пред сите нас е исправен предизвикот за континуирана и мудра работа, следење на светските образовни текови, приспособување кон потребите на новите генерации студенти и будност во време кога светот се менува со голема брзина.
„Избери мудро, делувај храбро“ е новиот слоган на УГД. Во него се инкорпорирани личниот избор и храброста да се истапи кон позитивна промена, којашто ќе започне во секој од нас. Заедно со сите вас да продолжиме да го градиме УГД како место на компетентни и силно мотивирани студенти, исполнителни и вреднувани професори и вработени, но и да изградиме Универзитет што ќе ги негува и надградува највисоките хумани вредности, кон кои се стреми цивилизираниот човек.
Подобар, отворен и хуман УГД, тоа е нашата визија, што заедно ќе ја оствариме – рече во своето обраќање ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Од име на студентите, на Свечената академија се обрати Сара Денкова, претседателка на Универзитетското студентско собрание.
-Тука сум, како млад човек кој верува во моќта на високото образование. Тука сум да ве инспирирам, охрабрам и поттикнам заедно да ги искористиме можностите што ни ги дава образованието. Образованието е најмоќното оружје за обликување на човечкиот ум. Јас, искрено, верувам во ова. Образованието не е добивање само на добри оценки или полагање испити. Се работи пред сѐ за созревање, откривање на нашата страст и наоѓање начин како да направиме значајна разлика во светот. Од оваа перспектива сега, јавно велам – мојот избор да студирам на УГД е мудар и исправен. На УГД учиме од најдобрите, од асистенти и професори и демонстратори за кои односот кон младите е императив, од учители кои ни помагаат да ги надминеме проблемите и нѐ учат како секогаш да бараме решение, без оглед на висината и тежината на задачата. Во време кога читањето книги е заменето со развојот на технологијата, нашиот Универзитет ни ги отвора вратите на знаењето преку една од најголемите електронски библиотеки и бесплатен пристап до универзитетските учебници, мотивирајќи не притоа да обратиме внимание на суштината наспроти формата на секојдневието. Студентите во фокусот – е принципот на кој е изграден и расте нашиот Универзитет – изјави меѓу другото Сара Денкова во обраќањето на Свечената академија.
УГД во оваа пригода им се заблагодари и на институциите и професионалците со чија помош студентите го доусовршуваат своето знаење и практичниот пристап кон нивната идна професија. На повеќе институции и поединци им беа доделени благодарници.
Не беа заборавени ниту вработените на УГД кои заминаа во пензија, а кои имаат особен придонес во развојот на Универзитетот.
Настаните за одбележување на 16 години на УГД продолжуваат со програмата, која ќе заврши во недела со рекреативна Планинарска тура, а во меѓувреме ќе биде отворена Правната клиника, промовирани доктори на науки, организирани Ораторски вечери... Денес во одбележувањето се вклучија и студентите од Факултетот за медицински науки, кои на три пункта во Штип вршеа бесплатни здравствени прегледи.
Свечената академија, која беше збогатена и со музичка програма, можете да ја проследите на следниов линк:
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com