Седумнаесет нови доктори на науки на УГД беа свечено промовирани на свеченост во рамките на одбележување на 16-годишнината на Универзитетот.
Значењето на кадарот кој произлегува од третиот циклус на студии го потенцираше и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски:
„Денес имаме свечена промоција на докторските титули на 17 доктори на науки, од кои денес се присутни 11. Имаме студенти од речиси сите кампуси и се надевам дека оваа пракса на зголемување на бројот на доктори на науки и на високостручен кадар ќе овозможи унапредување на процесите и кај нас, бидејќи дел од нив се наши кадри, но и на компаниите и институциите во кои тие кадри работат. Во овие постапки, во третиот циклус на студии имаме соработка и со други универзитети. Генерално, имаме пракса да ангажираме секогаш еден надворешен коментор, кој не е од нашиот универзитет и кој работи директно со кандидатот заедно со нашите ментори, а истражувањата зависно од условите се реализираат понекогаш и на некој друг универзитет. Никогаш не е многу од знаење, мислам дека можеме да имаме уште многу доктори на науки. Кај нас не е пракса докторите на науки да се користат и во стопанството и во институциите, што треба да се промени. Денешното време бара многу повисоки знаења од порано, и со намалување на работната сила, и со поголемиот степен на автоматизација, новата индустрија, новите здравствени услуги, дефинитивно, бараат повисок степен на знаење. Јас се надевам дека бројот на студенти на третиот циклус студии ќе се зголеми и ќе бидеме слични со развиените земји. Кај нив 90 % од докторите на науки не работат во универзитетите, туку во истражувачките центри, стопанството, институциите и така натаму. Кај нас доминантно се во академијата“.
Годинава беа промовирани 17 доктори на науки, од нив на Економски факултет - 3, од Факултет за медицински науки - 8, од Факултет за образовни науки - 2, од Факултет за информатика - 1 и од Факултет за туризам и бизнис логистика - 3.
Анита Морарцалиева-Чочкова, од годинава доктор на медицински науки, докторираше на тема поврзана со третманот на ХПВ.
„Мојата дисертација се однесува на ефикасноста на трихлороцетната киселина во третман на ХПВ инфекциите на грло на матка. Овој третман е многу ефикасен, сите гинеколози во здравствените установи може слободно да го применуваат и со тоа да се спречи и лекува инфекцијата на ХПВ на грло на матка, но и да се одложи предизвикувањето на преканцерозни лезии, па и карцином на матка“, изјави Морарцалиева-Чочкова.
Моника Арсова, доктор на економски науки, својот докторски труд го посвети на маркетингот во денешно време, пред сѐ, на дигиталниот маркетинг и неговото значење за бизнисот и компаниите:
„Темата на мојата докторска дисертација е ’Глобалните стопански текови и нивното влијание врз маркетинг каналите’. Примената на оваа дисертација во општеството е многу голема, доколку секој од нас го сфати значењето на маркетинг каналите, и како тие влијаат да ни се поедноставува секојдневното живеење. Маркетингот, односно во денешно време дигиталниот маркетинг е најважната нишка преку која, всушност, целиот бизнис сектор треба да го унапредува своето работење. Во дел од мојата докторска дисертација беа опфатени аспекти како социјалните медиуми можат да помогнат во таква насока. Опфатен е бизнис секторот, вклучени се компании од различни индустриски гранки. Тие во онлајн анкета беа прашани колку нивното работење е дигитализирано. Засега голем дел од нив не се целосно дигитализирани, но добар знак е тоа што дел од нив сметат дека добро би им дошла дигитализацијата за да станат поконкурентни како на нашиот пазар, така и на меѓународните пазари на кои настапуваат“.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com