Четврток, Јуни 20 2024
Следете нè

(Видео) УГД го одржа Форумот за младинско учество во образованието

15 средни училишта од над 10 општини, студенти, средношколци и компании беа дел од денешниот Форум на младинско учество во образованието. Младите средношколци, како и студентите на УГД, имаа можност да бидат слушнати од стручниот кадар на Универзитетот и да споделат размислувања и идеи за унапредување на високото образование, со нивно активно вклучување. 

- Ова е прв чекор во кој Универзитетот се обидува да изгради подобра соработка со средношколските центри и со младите воопшто. Ние како Универзитет можеме да ги ставиме сите ресурси на нивно располагање и во изградба на нивната професионална кариера. Се надевам дека ќе имаме дискусии кои ќе ни дадат правец и нам како Универзитет и ќе им овозможиме на средношколците да направат соодветен избор на идната струка - истакна ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На Форумот беше презентиран и уникатен софтвер за систематско собирање на информации за млади таленти од средните училишта, креиран од Факултет за информатика при УГД.

Младите таленти, понатаму, ќе добијат можност за дополнителна поддршка во образованието преку подготовка за натпревари, можност за учење во универзитетските лаборатории и бесплатно присуство на обуки од професорите на УГД.

На настанот присуствуваа и претставници на бизнис заедницата, Стопанската комора, претставници на средни училишта, како и градоначалникот на Штип, градот домаќин. Овој Форум е почеток на менување на начинот на соработка меѓу високото и средното образование. На крајот на Форумот, ректорот на УГД потпиша Договор за меѓусебна соработка со претставниците на средните училишта преку кој во иднина ќе се одвиваат најголем дел од активностите. 

Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com