Недела, Декември 22 2024
Следете нè

Универзитетот „Гоце Делчев“ и Стопанска комора ја засилуваат врската помеѓу науката и бизнисот преку нови форми на соработка

Стопанската комора на Северна Македонија и Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип започнуваат нова иновативна соработка со цел да ја поддржат и олеснат интеграцијата на студентите во бизнисот и да ја засилат врската помеѓу науката и бизнис секторот. 
На средбата помеѓу претседателот на Комората, Бранко Азески, и ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски, беа дефинирани можностите за имплементирање на концептот на дуално образование на Универзитетот и искористување на научноистражувачките капацитети во развој на бизнисот.

„Сметам дека оваа соработка е неопходна за да ги изградиме следните генерации на лидери и стручњаци во различни области и да создадеме услови за успешна и перспективна иднина на младите генерации. Студентите ќе имаат можност да се запознаат со реалниот сектор и предизвиците со кои се соочува стопанството, додека бизнисите ќе добијат можност да ги поддржат и менторираат следните генерации на професионалци“, истакна Азески.

Проектот помеѓу Стопанската комора и УГД наречен „Студентите учат од бизнисот“ претставува платформа која ќе им овозможи на студентите да го спојат своето теоретско знаење со практичните искуства од бизнисот. 
Преку овој проект студентите ќе имаат можност да ги развиваат своите вештини, но и да се запознаат со реалните предизвици на бизнисот, што ќе им овозможи подобро позиционирање на пазарот на труд и поголема вработливост по завршување на своите студии.

Проектот вклучува различни активности, како гостувања на бизнис лидери во кампусот на Универзитетот, практични обуки и работилници, менторски програми во компаниите, како и стекнување на конкретни знаења и вештини од областа на претприемништвото.

Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, го истакна своето задоволство од продлабочување на соработката со Стопанската комора како најголема и најважна бизнис-асоцијација во земјата и потенцираше дека особено важна компонента е да се отвори можност базичните истражувања кои се креираат во универзитетските научноистражувачки центри да се применуваат во домашното стопанство.

„Само преку заедничка соработка на бизнисот и науката може да изградиме поконкурентно стопанство и посилна економија, и во таа насока ќе биде нашиот фокус на заедничка соработка со Стопанската комора“, нагласи ректорот Мираковски