Четврток, Мај 2 2024
Следете нè

УГД и МЕПСО потпишаа Меморандум за соработка – предвидени стипендии за редовни студенти

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и АД за пренос на електрична енергија и управување со електроенергетскиот систем – МЕПСО потпишаа Меморандум за соработка. Меморандумот го потпишаа ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски и директорот на МЕПСО, Суријан Рашиди.
Меѓусебната соработка на двете институции ќе се реализира во различни домени од делокругот на нивната работа, со посебен акцент на соработка во областа на реализација на едукативни образовни програми и практична работа и работа на развојно-истражувачки проекти, реализирани преку соработка на експерти и професионални тимови.
Исто така, соработката ќе се реализира и со организација на конференциски и научни семинари и работилници и студентска пракса за студенти.
Компанијата МЕПСО, исто така, ќе додели три стипендии на студенти на УГД, кои ќе се доделат за времетраење од десет месеци годишно (со можност за продолжување или прекин). Стипендијата ќе се исплати на два пати во годината по 40.000 денари. Студентите кои ќе конкурираат за овие стипендии треба да се редовни студенти, запишани првпат во трети или петти семестар на студии и да имаат просек над 8.00.