Универзитетот „Гоце Делчев“ и во најновото рангирање на Вебометрикс повторно е рангиран на втората позиција во државата, а на светско ниво е рангиран за 100 места подобро од последното рангирање.
Вебометрикс рангира универзитети 20 години и оваа година одбележува 20 години од првата ранг-листа. Оваа база е најголемата во светот и опфаќа најголем број универзитети.
Според нивната методологија, рангирањето е според три параметри и тоа:
Видливост – ова опфаќа број на надворешни мрежи и линкови кои институции и организации ги поврзуваат со универзитетот кој се рангира. Веб-страници на други институции ја имаат линкувано институцијата која се рангира. Вмрежувањето опфаќа 50% од формирањето на позицијата.
Извонредност – Бројот на трудови во топ 10% најцитирани од 27 дисциплини. Овој критериум зафаќа 40% од формирањето на оцената/позицијата на универзитетот.
Транспарентност/отвореност – Ова е најкомплицираниот критериум на Вебометрикс и сѐ уште е во бета фаза на тестирање. Тие имаат посветено посебна страница да го објаснат начинот на кој го вршат ова рангирање. Едноставно кажано, станува збор за број на цитати од топ 310 автори во светот. Овој критериум зафаќа 10% од формирањето на оцената/позицијата на Универзитетот.
Во секој случај Универзитетот „Гоце Делчев“ не само што ја зацврстува својата втора позиција во Македонија, туку и во светскиот ранкинг напредува во континуитет.