Во рамките на Еразмус + проектот BeValueR, во кој дел од проектниот тим се и професори од УГД, учесници од пет држави одржаа состанок на УГД. На состанокот учествуваа претставници на теквондо клубови и национални теквондо федерации на Бугарија, Словенија, Романија и Грција, меѓу кои се и претставници на највисоките органи на Европската теквондо федерација.
Проектот има за цел да го поттикне вклучувањето во спорт на младите на возраст од 12 до 17 години и развој на морални вредности и здрави навики, преку содржини од теквондо и примена на дигитални технологии како форма за привлекување на младите.
- Идејата е како да се пренесат вредностите на теквондо и филозофијата на делување. Проектот ќе ги вклучува децата и младите, но ќе ги вклучува и родителите. За таа цел најпрвин од страна на партнерите на Бугарија беше изработен анкетен прашалник. Се гледаа разликите на децата и родителите и врз основа на тоа се создадоа две програми. Во рамките на тие програми предложивме активности како да се работи со децата и со родителите за да се работи и во домот и на спортските работи. Идејата е да се спои спортот и моралните вредности кај децата - вели проф. д-р Билјана Попеска, која е координатор на проектот од Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип.
На состанокот се презентираа досегашните резултати од проектот кои вклучуваат програма за млади креирани од проектниот тим од Бугарија, програма за родители, креирана од проектниот тим од УГД, како и тестирање на ИТ мултиплатформа.
- Сметаме дека оваа алатка ќе ги врати вредностите на семејството. Преку овој проект се надеваме да вратиме дел од старите традиции и да ги вратиме децата во салите да спортуваат и да изучуваат дел од моралните норми кои се подзаборавени - изјави Венцислав Игнатов, претседател на Полицискиот Теквондо клуб од Бугарија.
На состанокот учествуваа и претставници од теквондо клубови од Македонија, но и тренери во карате и борење во насока на разгледување на можностите за примена на добрите практики од теквондо во другите боречки вештини.