Првата трка на отворено во 2023 година во Македонија се одржа изминатиов викенд во Кавадарци. Тоа беше петтото издание на Кавадаречки полумаратон, на кој по вторпат учествуваа и претставници на Универзитетот „Гоце Делчпев“ – Штип.
Студенти, професори и останати вработени на УГД трчаа на трките на 5, 10 и 21 километар. Во конкуренција од околу 400 рекреативци и професионалци во трчањето, вкупно 23 претставници на УГД ја истрчаа патеката по улиците на Кавадарци. На полумаратонот од 21 километар учествуваа тројца, а најдобро време постигна Андреј Срцев. На 10 километри, од осуммината претставници на УГД, кај жените најдобро време имаше Кристина Мишева, која се пласираше на деветтото место, а кај мажите Ристе Петров.
Во рекреативната трка, на 5 километри, која беше и најмасовна, трчаа 11 претставници на УГД, а најдобро време кај жените постигна Цветанка Ристова-Магловска, а кај мажите Кире Глаев.
Универзитетот „Гоце Делчев“ преку Спортскиот рекреативен центар планира следни учества на слични настани – планинарење, трки, на кои сите заинтересирани ќе можат да учествуваат и да спортуваат и рекреираат.