Групата за турски јазик и книжевност на Филолошки факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип со пригодна програма го одбележа 21 декември – Ден на образование на турски јазик во Македонија.
21 декември 1944 година се смета за датум кога Турците се стекнаа со право за образование на турски јазик во Македонија. Овој празник во Македонија се празнува од 2007 година, а Групата за турски јазик и книжевност со различни активности редовно го одбележува овој празник.
Оваа година Групата за турски јазик и книжевност овој празник го прослави со студентите од Групата, студентите од Република Турција, колегите од Филолошки факултет при Универзитет „Гоце Делчев“, колегите од Катедрата за турски јазик и книжевност на Филолошки факултет „Блаже Конески“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ и колегите турколози од Меѓународниот балкански универзитет, бидејќи среќата и радоста се зголемуваат кога заедно се прославуваат празниците.
На почетокот од програмата се даде краток историјат на празникот, а потоа студентите од Групата за турски јазик и книжевност рецитираа поезија од турските поети Неџип Фаз’л К’саќурек, Сезаи Каракоч и Џахит С’тк’ Таранџ’, пееја модерни и народни турски песни и приредија традиционална претстава со куклите Караѓоз и Хаџиват. На крај, прославата се заокружи со пишување афоризми за турскиот јазик кои на 21 декември - Денот на образование на турски јазик во Македонија ќе бидат споделени на социјалните мрежи.
Учесниците во програмата беа наградени со книги на турски јазик и седумјазичното меѓународно списание на Филолошкиот факултет „Палимпсест“.