Започнува првиот уписен рок на УГД – 21, 22, 23 и 24 август се деновите во кои ќе можат да се доставуваат документите за запишување на факултетите и академиите на Универзитет „Гоце Делчев – Штип.
„Во текот на овој период сите кандидати кои сакаат да се запишат на УГД ќе можат да креираат профил на нашиот систем за пријавување, да ги внесат своите податоци, оценките од средното образование и потоа во текот на овие четири дена можат да ни ги достават документите во некој од центрите на УГД. Конкурсот беше распишан во јули, од тогаш е отворен и нашиот систем за онлајн пријавување, така што сите кандидати кои аплицирале ги повикувам да ги достават документите. Ние тие документи ги проверуваме, верификуваме и со завршувањето на првиот уписен рок сите тие кандидати ќе бидат рангирани“ – изјави на прес-конференција проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.
Центрите на УГД се отворени во текот на овие четири дена, па во сите нив – во Скопје, Штип, Струмица, Кавадарци и во Гевгелија можат да се достават документите за кој било факултет на УГД.
Запишувањето на примените од првиот уписен рок е на 4 и 5 септември, а веќе на 6 и 7 септември е Вториот уписен рок.
И оваа година УГД овозможува помош за најдобро рангираните кандидати, потенцираше проф. д-р Џидров.
„На Факултетот за медицински науки од партиципација во прва година ќе бидат ослободени 40 најдобро рангирани, по 20 на Економски факултет, Земјоделски факултет, Факултет за природни и технички науки, Правен факултет и Факултет за туризам и бизнис логистика, по 10 на Машински факултет, Електротехнички факултет и Технолошко-технички факултет, на Факултетот за информатика има ослободување за 30 најдобро рангирани, на Факултетот за образовни науки за 10, исто така и на Музичката академија, а на Ликовната академија и Филмската академија по 5 студенти. Филолошкиот факултет, пак, ги ослободува од плаќање партиципација сите студенти запишани на Македонски јазик и книжевност, Германски јазик и книжевност и Турски јазик и книжевност, а исто така и 20 најдобро рангирани студенти кои ќе се запишат на Англиски јазик и Италијански јазик и книжевност“.
УГД има и интерен оглас за помош на ранливи категории и студенти чие родителско право го врши само еден родител. Овој оглас ќе биде објавен на крајот од октомври, по запишувањето на сите студенти. Минатата година беше наменет за следниве категории – само еден родител запишан во извод од матична на родени, починат родител, еден родител кој го загубил родителското право, еден родител е непознат и двајца студенти со родители со минимална плата.
На веб-страницата на УГД се објавени и конкурсите за втор и за трет циклус студии, а исто така во тек е префрлувањето од други универзитети на УГД. Има платформа каде што можат да ги внесат потребните документи, така што е олеснет и тој процес на префрлување.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com