Денес 29.9.2023 г. се одржа Вториот меѓународен студентски симпозиум „Предизвиците во новиот свет на дигиталната ера – мултидисциплинарен пристап” во Музејот на македонска борба за самостојност во Скопје.
На овој настан присуствуваа 112 студенти со физичко присуство од универзитети од нашата земја и од странство, од кои 17 ги презентираа своите трудови, истражувања, размислувања за светот во кој живееме и предизвиците кои ги носат големите економски трендови.
Меѓународниот студентски симпозиум го отвори деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков. Модератор на целиот настан и панел сесиите беше студентката Славица Ристовска, која воедно и презентираше свој труд.
Поддршка на овој студентски симпозиум дадоа проректорот за инвестиции и развој проф. д-р Дарко Лазаров, м-р Надица Николоска, раководител на Одделението за развој и меѓународни односи во туризмот, Сектор за туризам и угостителство, Министерство за економија, Игор Гвозден, директор на Угостителско-туристичка школа - Белград, Хотел „Палас“ - Белград, Федерацијата на угостителско-туристички училишта, Мимица Папазова-Наумовска, Редакција за општо образование ЈРП МРТ, Драги Кушовски - претставник на приватен сектор, д-р Небојша Вуковиќ, директор на СУГС „Лазар Танев” – Скопје, претседател на Федерација на угостителско-туристички училишта на Европа. Во оваа поддршка се вклучија и професорите и вработените на Факултетот домаќин, претставници на бизнис заедницата, Министерството за економија, МОН, Министерството за финансии.
„Овој симпозиум успешно ја оствари својата цел – преку посетеноста од 136 студенти и гости, кои заедно преку истражувањата, детекцијата на реалните состојби, споделените мислења и препораки како да се подготвиме и реагираме на предизвиците со кои се соочуваме ќе отворат простор за уште поголема подготвеност за предизвиците на дигиталната ера во насока на ангажирање на младата сила, создавајќи реални шанси за успех и добро платени места за нив” – изјави деканката Бошков.