Сабота, Ноември 23 2024
Следете нè

УГД и годинава беше дел од Скопскиот Wizz Air маратон

Традицијата продолжува, УГД и годинава беше дел од најголемиот атлетски настан во Македонија – Скопскиот Wizz air маратон. Годинава Универзитетот „Гоце Делчев“ на овој спортски настан беше и со најголема бројка на учесници – вкупно 38 лица - студенти и вработени на УГД трчаа на улиците во Скопје.

Најмасовно, како и обично, беше учеството на рекреативната трка од 5 километри, каде што учествуваа 30 претставници на УГД, а 8 на полумаратонот на 21 километри.

Најдобро време од учесниците во женска конкуренција на полумаратонот оствари Кристина Мишева, 2 часа, 18 минути и 7 секунди, а Сандра Атанасова 2 часа, 20 минути и 38 секунди. Кај мажите, Мишко Џидров оствари време од 2 часа, 3 минути и 20 секунди, Костадин Хубрев 2 часа, 19 минути и 32 секунди.

Женскиот тим на УГД во екипна конкуренција се пласираше на 22. место во конкуренција на 141 тим.

Одлична атмосфера, еден вистински тим билдинг за сите учесници на Скопскиот маратон, па и за претставниците на УГД, кои од година во година се сѐ побројни.