Традиционалната награда што Скопскиот џез фестивал ја доделува за најдобар млад македонски џез музичар годинава ја освои нашиот хиперактивен џез тапанар, импровизатор и композитор Драган Теодосиев. Тој е присутен на македонската музичка сцена веќе две децении, а своето музичко образование го стекнал во средно музичко училиште и на Одделот за џез музика на Факултетот за музичка уметност во Штип.
Активно работи со голем број артисти и бендови, како: Taxi Consilium, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Зарина Првасевда, Cobalt Code Unit, Shock Troopers и Дина Јашари, а соработувал и со Тони Китановски, Сашо Поповски, Јордан Костов и многу други. Бил дел и од театарската група „Мадам Фортуна“ од Антверпен, Белгија. Редовно настапува кај нас, но и низ цела Европа. Го нарекуваат „најзафатениот (џез) музичар во Македонија“. Наградата на Теодосиев ќе му биде врачена в петок, во МКЦ, пред настапот на неговиот состав Cobalt Code Unit на 42. Skopje Jazz Festival.
Драган Теодосиев добитник на признанието најдобар млад македонски џез музичар
- Details
- Hits: 489