Вечерва (2 јуни 2022 г.) на сцената на „Театр ЛАБ“ во Братислава, на отворање на фестивалот „Share“, ќе настапат студентите од Катедрата за современ танц при Универзитет „Гоце Делчев“, кои ќе ги изведат кореографиите „Outline“ на Дејан Битровски, во која настапува Емилија Милак и „БЕЗ-НАДЕЖЕН” на Иван Ангелковски, во која настапува студентката Стефани Шааршмит.
Двете кореографии се во продукција на Скопје танцовиот театар. Воедно, во рамките на фестивалот, асистентката Анастасија Данчевска ќе одржи работилница, а професорката Рисима Рисимкин ќе има предавања на тема „Развој на софтвер за компјутерски генерирана кореографија“, труд кој беше претставен на научната конференција „ЕТИМА“ во 2021 година.
Фестивалот „Share“ 2022 ќе се одржи од 2 до 5 јуни во Братислава, Словачка, како платформа на седум европски танцови академии и универзитети, и тоа Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц и Универзитетот за музика и уметност на Градот Виена во Австрија; Академијата за култура во Латвија; Академијата за музика и театар во Литванија; Конзерваториумскиот центар „Данкан“ во Прага, Чешка; Академијата за изведувачки уметности во Братислава, Словачка, и Катедрата за современ танц при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, Македонија.
Огромен број млади уметници, студенти и професори деновиве ќе ги споделат своите искуства во Братислава, ќе има работилници, како и вечерна програма на секоја од овие седум академии. Фестивалот „Share“ се формираше во 2017 година, кога првпат се одржа во Братислава, Словачка, со цел да се постави платформа за соработка на млади европски современи танчари. Во Братислава фестивалот се одржува секоја втора година, а во меѓувреме патува низ земјите учеснички. Во 2018 година фестивалот се одржа во рамки на „Танц фест“ во Скопје и во Штип, каде што присуствуваа преку сто млади уметници и професори.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com