Четврток, Декември 19 2024
Следете нè

Годишна изложба на уметничките оддели на УГД

Ликовната академија, Факултетот за природни и технички науки, Дизајн на ентериер и мебел, и Технолошко-техничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ја реализираа „Годишната студентска изложба 2023“. На изложбата, која е поставена во Уметничката галерија „Безистен“, се презентирани најуспешните проекти на студентите.

„Секоја година организираме годишна изложба која е традиција. Овде се презентира сè она што е од областа на уметноста на УГД. Учествуваат студенти од три факултети – Ликовната академија, ФПТН – Одделот за дизајн на ентериер и мебел, Технолошкиот факултет со Катедрата за мода и текстил, така што сите трудови кои се најзначајни се овде и ја прикажуваме разновидноста на присуството на уметноста на нашиот Универзитет. Се надевам дека тоа ќе побуди интерес и во градот, а секако и кај идни студенти кои ќе се запишат. Тие можат да видат како студентите практично ја изразуваат својата креативност и на кој начин можат да се пронајдат себеси, за да се запишат на УГД кој нуди доста програми и секој кој има афинитет кон уметноста може да се пронајде себеси“ – изјави Петар Намичев, декан на Ликовната академија на УГД.

Во организацијата на изложбата учествуваа и НУ „Завод и Музеј Штип“ и Уметничката галерија „Безистен“ со кои УГД има одлична соработка.