Проф. д-р Никола Смилков од Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип денес го прими признанието „8 Ноември“ на Општина Штип. Признанието му го додели Советот на Општина Штип за особен придонес во областа на уметноста и педагогијата, како и афирмација на градот Штип и државата.
Д-р Никола Смилков e роден на 26 октомври 1973 година во Штип. Основно училиште завршил во Штип, а средното образование во Скопје. Во 1999 година дипломирал на Факултет за ликовни уметности на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Истата година се запишал на магистерски студии на истиот факултет во Скопје, каде што магистрирал во 2002 година. Докторските студии ги продолжил на Педагошки факултет на Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Битола, каде што во 2012 година докторирал и се стекнал со диплома доктор по педагошки науки од областа методика.
Од 1999 до 2000 г. работи како професор по предметот Ликовна култура во ДСТУ „Димитар Мирасчиев” во Штип. Од 2000 до 2002 г. работи како наставник во ОУ „Гоце Делчев“ во Штип по предметот Ликовно образование. Во 2004 г. е избран во звањето доцент на Педагошки факултет „Гоце Делчев“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, a во 2009 г. е избран во звањето вонреден професор.
Во организациско-развојната дејност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип активно учествува во повеќе комисии. Член е на првиот состав на Универзитетски сенат на Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип.
Во 2009 г. е избран за продекан за настава на Педагошки факултет при Универзитет „ Гоце Делчев“ – Штип, а од 2011 г. ја раководи функцијата декан на Факултетот за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип. Никола Смилков е автор на повеќе монументални дела, а има реализирано и повеќе самостојни и групни изложби во земјава и во странство.
Меѓу другите добитници се и Трајче Цветков, долгогодишен финансиски раководител во Општина Штип, за придонес во економијата; Божидар Симоновски за придонес во областа на музичката култура и Невладината организација „Камп едукација“.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com