Пијанистката Асами Сате од Јапонија денес одржа мастер клас за сите заинтересирани пијанисти на Музичката академија при УГД. На часот присуствуваа пијанисти од цела Македонија кои сакаа да ја слушнат и да научат нешто од Асами Сате.
- Првпат да предавам пред голема група на студенти. Многу сум возбудена и горда што сум овде. Беше изненадувачки за мене што сите свират многу добро и се добро научени. Навистина се прашував што да им дадам плус. Изненадувачки им давам само мал придонес и тие веднаш го надградуваат тоа. Ова значи дека професорите се добри - вели Сате.
Сате има настапувано многупати во Македонија, а заедно со професорката Ема Попивода се чести гости насекаде во светот. Тие освоија бројни награди во Македонија и во Јапонија.
- Големата разлика меѓу македонските и јапонските пијанисти е во силата. Македонските пијанисти користат многу повеќе сила при свирењето на пијано. Според мое мислење, тоа е поради тоа што тие вежбаат од деца на Петроф пијано, што бара многу повеќе сила. Додека ние во Азија користиме Јамаха пијано, што е многу полесно. Нивните прсти се многу силни. Тоа е голема разлика. Во однос на музиката, Македонците имаат брз локален ритам (бит). Дури кога свират класични автори, како Дебиси, нивниот локален ритам може да се забележи во настапот - вели Сате.
Сате неодамна настапи во Скопје, а следниот настап е планиран догодина.
Joomla Gallery makes it better. Balbooa.com